Достапни линкови

Кина: Постигнат е договор за мирно решение на конфликтот со Индија


Кина соопшти дека постигнала договор со Индија за мирно решавање на тензиите долж границата на Хималаите, по конфликтот со најмногу насилство во неколку децении.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан денеска изјави дека „двете страни се согласуваат да го решат прашањето преку дијалог и консултации и да вложат напори за смирување на ситуацијата и зачувување на мирот во граничната област“.

Жао ги повтори кинеските тврдења дека судирите на 15 јуни следеле откако индиските сили „испровоцирале и нападнале кинески персонал, предизвикувајќи страв и физичка пресметка меѓу војниците на двете страни и резултирале со жртви“.

Индија изјави дека 20 од нејзините војници биле убиени во тие судири и дека многу други се повредени. Кина не соопшти дали некој од нејзините војници е ранет или убиен.

„Уште еднаш, ја замолуваме индиската страна да постапи во согласност со нашиот консензус, строго да ги дисциплинира своите војници да не ја преминуваат граничната линија, да не провоцираат и да не преземаат еднострани потези што би можеле да ја комплицираат ситуацијата“, рече Жао.

Индиската влада не го коментираше конфликтот со кинеската армија во пограничното подрачје на Хималаите.

И двете азиски земји тврдат дека имаат право на територијата долж хималајската граница од 3.500 км, но споровите претежно беа мирни по војната во 1962 година.

XS
SM
MD
LG