Достапни линкови

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за три дена во земјава


Архивска фотографија: Прес-конференција на ОБСЕ / ОДИХР по претседателските избори 2019

За три дена, односно на 19 јуни во земјава пристигнува набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни, изјави за МИА портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш.

Таа истакна дека ОДИХР ќе распореди Специјална изборна оценувачка мисија во Северна Македонија за предвремените парламентарни избори, кои откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера ги усогласија ставовите, ќе се одржат на 15 јули.

Мисијата се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес.

„Мисијата внимателно ќе оценува колку изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и останатите меѓународни стандарди за демократски избори, како и согласно националното законодавство“, вели Андруш.

Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи. Андруш вели дека биле принудени да ја суспендираат оваа набљудувачка мисија за предвремените избори во Македонија поради ограничувањата на патувањата, но и поради грижата за здравјето, кои се појавија како последица на коронавирусот.

ОБСЕ/ОДИХР на покана на македонската Влада испраќа специјална мисија за следење на предвремените парламентарни избори, а мисијата во неделата соопшти дека објавила конкурс за ангажирање експерти од различни области кои треба да го следат изборниот процес.

XS
SM
MD
LG