Достапни линкови

Американец осуден за шпионажа во Русија, САД ја сметаат пресудата за „исмевање на правдата“


Поранешниот американски маринец Пол Вилан при изрекувањето на пресудата во судот во Москва

Судот во Москва денеска го осуди поранешниот американски маринец Пол Вилан на 16 години затвор за шпионажа, пресуда која висок американски дипломат во Русија ја нарече „исмејување на правдата“.

Судењето во Градскиот суд во Москва се одвиваше зад затворени врати, поради тоа што меѓу доказите имало класифицирани материјали, како и поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Вилан, кој исто така има и британско, канадско и ирско државјанство, беше уапсен во Москва во декември 2018 година, а судењето почна во март годинава, и покрај пандемијата на коронавирус и дипломатските протести.

Вилан, кој има 50 години, ги негираше сите обвинувања. Тој изјави дека ќе се жали на пресудата, која ја смета за политички мотивирана.

„Ова е политички процес, политичка пресуда“, рече тој.

Обвинителството тврди дека на флеш-дискот пронајден кај Вилан имало класифицирани информации и бараше 18 години затвор за шпионажа.

Поранешниот американски маринец вели дека бил наместен кога зел УСБ-мемориски стик од соработник, мислејќи дека содржи фотографии од одмор и дека наводите за шпионажа против него се политички мотивирани. Тој исто така ги обвини затворските чувари за малтретирање.

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, рече дека е „разочаран и бесен“ поради пресудата и го нарече судењето „исмевање на правдата“, нагласувајќи дека тоа ќе им наштети на американско – руските односи.

Одговарајќи на новинарски прашања за можна размена на Вилан за руски државјани затворени во САД, Саливан рече дека Вашингтон не бара размена, туку правда за Вилан.

Адвокатот на Вилан, Владимир Жеребенков, рече дека прашањето за помилување или за размена би било можно за 10 дена, кога пресудата ќе стапи во сила.

Вилан беше шеф за глобална безбедност во американски снабдувач со авто-делови во време на апсењето. Тој и неговите роднини инсистираат дека дошле во Русија на свадба.

Пред изрекувањето на пресудата, американски претставници ја повикаа Москва да го ослободи Вилан, по критиките кон руските власти за „срамниот третман“ против него.

XS
SM
MD
LG