Достапни линкови

Турција изврши воздушни напади врз курдските бунтовници во северен Ирак


Архивска фотографија: Курдка со знамето на ПКК во турскиот град Дијарбакир во 2009 година

Турски воени авиони денеска изведоа нови прекугранични напади врз курдските бунтовници на северот на Ирак, соопшти турското Министерство за одбрана.

Турција често изведува воздушни напади против забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која има бази на северот на Ирак.

Во најновата операција „Канџа – Орел“, биле погодени положби на ПКК во неколку региони на северот на Ирак, вклучително и Синџар, наведува турската армија на Твитер, додавајќи дека се погодени 81 мети, меѓу кои и засолништа и пештери.

Министерството за одбрана соопшти дека авионите максимално се погрижиле да не повредат цивили и безбедно да се вратат во своите бази, а засега нема директна реакција на ПКК, која повеќе од три децении војуваше на југоистокот на Турција.

Исто така нема коментар ни од Багдад или од полуавтономниот курдски регион во северен Ирак.

Турција, САД и ЕУ ја сметаат Курдистанската работничка партија за терористичка организација, а во судирот во турските власти, кој почна во 1984 година, загинаа десетици илјади луѓе.

XS
SM
MD
LG