Достапни линкови

Трамп одобри санкции против претставници на Меѓународниот кривичен суд


Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба со која одобри економски санкции и ограничувања за патувања против вработени во Меѓународниот кривичен суд, кои се директно вклучени во истрагата за можни воени злосторства во Авганистан против американски војници и разузнавачи.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека Вашингтон нема да дозволи Американци да бидат загрозени од „кенгурски суд“, фраза со која се опишува „квази суд“.

Американскиот јавен обвинител Бил Бар ги обвини „странските сили како Русија“ за манипулација со Судот во Хаг „спроведувајќи ја сопствената агенда“.

САД се меѓу десетиците земји кои не се учеснички во Римскиот договор со кој беше основан Меѓународниот кривичен суд во 2002 година, за гонење на воените злосторства и злосторствата против човештвото и геноцид во области каде што извршителите би можеле да избегнат соочување со правдата.

Во писмената изјава од портпаролот на Белата куќа Кејли Мекенани ги нарече постапките на судот „напад врз правата на американските граѓани“ и закана за националниот суверенитет на САД. Таа пишува дека САД имаат силна причина да веруваат дека има корупција и злоупотреби на највисоко ниво во Судот, доведувајќи го во прашање интегритетот на истрагата против американските војници.

Администрацијата на Трамп лани веќе воведе ограничувања за патување и други санкции против вработени во Меѓународниот кривичен суд.

Во ноември 2017 година, обвинителот Фату Бенсуда побара од судиите да отворат истрага за наводните воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Авганистан од мај 2003 година. Но, во април 2019 година, Судот одлучи дека истрагата не е во интерес на правдата, затоа што веројатно ќе пропадне поради недостиг на соработка. Во март годинава, жалбениот совет на судот сепак одлучи дека може да се продолжи со истрагата. Помпео тогаш оваа одлука ја нарече несовесна.

Авганистан е потписник на Римскиот договор, но властите се спротивставуваат на истрагата.

Американските и други сојузнички сили воено интервенираа во Авганистан по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година и ја соборија талибанската влада.

XS
SM
MD
LG