Достапни линкови

Димитров и Дачиќ разговараа за олеснување на ограничувањата


Министерот за надворешни работи Никола Димитров на средба со негиовиот српски колега Ивица Дачиќ.

Оваа недела ќе биде донесена одлука во врска со отворањето на македонската граница, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба во Ниш со шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

Тие зборуваат за олеснување на ограничувањата меѓу двете држави поради епидемијата на коронавирусот и отворање на границите, а Димитров на прес-конференција рече дека во консултација со минисртерот за здравство Венко Филипче имале првичен план границите на Северна Македонија да се отворат кон средината на овој месец, пренесува МИА.

„Ќе разговараме поинтензивно овие денови и во рамки на ситуацијата со вирусот и ситуацијата во регионот, овие денови треба да пресечеме и да ја донесеме таа одлука. Мислам дека таква одлука треба да се очекува во текот на овој месец јуни, иако е малку неблагодарно да се предвидува со оглед на непредвидливоста на пандемијата“, изјави Димитров.

Освен за отворањето на границите, Димитров и Дачиќ разговараа и за евроинтеграциите, мини шенгенот и унапредувањето на билатералната соработка.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека Србија на 22 мај ги отворила границите за македонските државјани, без никакви ограничувања. Тој исто така наведе дека Србија сака да ги јакне односите со Северна Македонија на сите полиња.

„Имајќи предвид дека ниту Србија, ниту Северна Македонија не се изолирани острови и сите тие одлуки е важно да ги систематизираме и да знаме во регионот кој какви прописи има, бидејќи тоа луѓето пред се ги интересира. За нас е битно како и во кој правец ќе се одвива нашата комуникација со Северна Македонија и дали луѓето ќе може да патуваат, поради што на состанокот беа присутни и епидемиолози, од чии ставови зависат и нашите политички одлуки во поглед на границите“, изјави Дачиќ.

Тој најави дека во петок во Грција со шефот на дипломатијата Дендиас ќе разговара и за организирање на трилатерален состанок меѓу Грција, Северна Македонија и Србија на острвот Крф, на ниво на шефови на дипломатии.

XS
SM
MD
LG