Достапни линкови

Македонските граѓани на влез во земјава само со негативен тест или задолжителен двонеделен карантин


Граничниот премин Табановце

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека при влез на македонски граѓани во земјава, како и на странци, но само со регулиран престој во државава, задолжително е на граничниот премин да биде приложен направен валиден PCR тест, не постар од 72 часа, кој е негативен.

Потоа на граничниот премин лицата ќе треба да потпишат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“. Припадници на МВР потоа вршат контрола на спроведувањето на домашната самоизолација.

Оние кои нема да имаат тест, или ќе приложат невалиден PCR тест, од граничниот премин со превоз организиран од Владата или со сопствен превоз, со придружба од страна на припадници на МВР ќе бидат спроведени во државен карантин, се вели во соопштението.

Во текот денот се организира превоз од граничен премин до државен карантин во два наврати и тоа во 10:00 часот и во 20:00 часот. Граѓаните ќе останат во државен карантин 14 дена.

Доколку граѓаните сакат да им се направи PCR тест, на нивно барање им се овозможува од страна на овластена институција во најкраток рок да им се направи PCR тест.

Оние граѓани на кои направениот PCR тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се засметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат карантинот и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава.

Од МВР информираат доколку граѓаните не сакат да им се направи PCR тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

XS
SM
MD
LG