Достапни линкови

Пресудата за „Рекет“ на 18 јуни


Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева во судница за „Рекет“

Пресудата за случајот „Рекет“ ќе биде соопштена на 18 јуни во Основниот кривичен суд во Скопје, откако денес и на изминатите неколку рочишта Обвинителството и одбраната ги дадоа своите завршни зборови.

Денеска одбраната на поранешната обвинителка Катица Јанева рече дека случајот „Рекет“ е смислен за да се спасат обвинетите во случајот „Империја“, додека вчера првообвинетиот во случајот, Бојан Јовановски - Боки 13, пред Судот рече дека „Рекет“ е политички смислен процес.

„Неовластеното снимање на Јанева е кривично дело. Судот не требаше да ги прифати овие докази, но ги прифати поради јавниот интерес. Материјалите од неовластеното снимање од може да се употребат во предметите на СЈО поднесени до 30 јуни. После тоа може да бидат само индиции“, рече адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, на денешното изнесување на завршните зборови на одбраната.

И првообвинетиот Јовановски во вчерашните негови завршни зборови ги оспоруваше доказите на Обвинителството.

„Ова лажно Луј Витон обвинение е засновано само врз изјавата на Јордан Камчев. Камчев може дал милион евра, а може и повеќе, но не на Бојан Јовановски. Можеби и затоа не дозволивте вештачење на мојот телефон“, рече вчера Јовановски.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски - Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.

XS
SM
MD
LG