Достапни линкови

Телефонски разговор Пендаровски- Франциск


Архивска фотографија- Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, при што изрази жалење затоа што поради пандемијата на КОВИД-19 не се реализираше неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не беше остварена средбата со Неговата Светост.

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, во телефонскиот разговор биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу земјава и Ватикан, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.

„Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски посочи на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Светиот Престол во сите сфери од заемен интерес“, се наведува во соопштението.

Покрај останатото, двајцата соговорници размениле и информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на КОВИД-19.
Претседателот Пендаровски оддаде признание за улогата на папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа, се наведува во соопштението.

XS
SM
MD
LG