Достапни линкови

Меѓупартиски обвинувања за ширењето на коронавирусот


Илустрација- пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук наведе дека бројките на новозаболени лица со коронавирусот деновиве се „директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски“.

„Јавноста во бројни наврати беше сведок на масовни прекршувања на забраната за движење, забраната за групирање, непочитување на задолжително носење заштита опрема, а полицијата предводена од Чулев не преземаше ништо. Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести. Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа истураат партиски бои врз епидемиологијата и сакаат да ги остават граѓаните на цедило“, вели Заев.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Игор Николов, пак, попладнево на прес конференција во партиското седиште за ширењето на вирусот го обвини министерот за здравство Венко Филипче.

„Имаме чисто фијаско на Филипче, не се криви граѓаните туку системот кој не функционира. Состојбата со Ковид епидемијата е алармантна, а на владата и се случува здравствена капитулација“, рече Николов.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и повикува на разрешување на членовите на Комисијата за заразни болести и итно формирање на нова составена од експерти и надпартиски решенија.

Инаку, Министерството за здравство информира дека во последните 24 се направени 661 тестирање, а регистрирани се 52 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-26, Куманово-6, Штип-7, Тетово-9, Струга-2, Велес и Кочани по еден заболен. Како последица од коронавирусот починаа четири лица. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2129, бројката на оздравени пациенти е 1516, на починати е 126, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.

XS
SM
MD
LG