Достапни линкови

Филипче: семејство на починат, заразен со Ковид, одбива контакти со епидемиолозите


Архивска фотографија- министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека епидемиолозите имаат проблеми во добивање информации од семејството на починат за кој бил земен постмртен брис и бил организиран погреб, а дури потоа се утврдило дека е позитивен на КОВИД-19.

Министерот рече дека многу е тешко да се пристапи и до семејството кое што апсолутно одбило да контактира и комуникација со епидемиолозите, како за организацијата на чинот на погребот од кои им било кажано дека починатиот е позитивен, така и во однос на давањето на податоци за тие контакти и присутни на самиот чин на погребот.

„Ова е сериозен проблем за епидемиолозите. Во насока на тоа, секаде каде што епидемиолозите и Државниот санитарен и здравствен инспекторат има потреба го известува Министерството за внатрешни работи“, рече Филипче.

Во однос на работата на угостителските објекти, министерот Филипче потенцира дека протоколите се јасни. Додаде дека се укажува на тоа оти треба да има сосема мал број на гости и да се запазат принципите на овие препораки.

„Очигледно дека поголем број граѓани не се свесни за сериозноста на проблемот и вирусот, дали не се плашат од болеста или мислат дека на нив не може да им се случи, меѓутоа многу луѓе заболеа и починаа. Сериозна е болеста. Ние успеавме да го изамортизираме ударот, не се преполнија болниците. И можеби затоа се нема вистинската слика за тоа што се случуваше во некои други земји“, рече Филипче.

Инаку, Министерството за здравство информира дека во последните 24 се направени 661 тестирање, а регистрирани се 52 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-26, Куманово-6, Штип-7, Тетово-9, Струга-2, Велес и Кочани по еден заболен. Како последица од коронавирусот починаа четири лица. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2129, бројката на оздравени пациенти е 1516, на починати е 126, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.

XS
SM
MD
LG