Достапни линкови

Качински инсистира на избори на претседател за Полска, и покрај епидемијата


Лидерот на полската владејачка партија „Право и правда“, Јарослав Качински

Лидерот на полската владејачка партија „Право и правда“, Јарослав Качински, денеска изјави дека претседателските избори, по оние неважечките, одржани без гласање на 10 мај, според Уставот, мора да се одржат најдоцна до 28 јуни и дека власта ќе ги искористи сите средства кои ги има на располагање за да се одржат изборите.

„Одложувањата сеат хаос. Зад тоа стојат само поединечни интереси и тоа сосема сигурно не е во интерес на Полска и не е во согласност со Уставот“, рече денеска Качински.

Власта и опозицијата се во спор дали според Уставот изборите мора да се одржат за новиот претседател на Полска да биде избран до 6 август, кога истекува мандатот на актуелниот претседател Анджеј Дуда, кој е кандидат на владејачката партија и на овие избори или ако нема претседател, неговата улога би ја презел претседателот на еден од двата дома на парламентот.

„Нема ни мала основа за тоа во одредбите од уставот претседателот на Сенатот да ја преземе власта во ситуација во која нема претседател“, рече Качински.

Полска влезе во правен хаос околу изборот на претседател поради инсистирањето на владејачката партија изборите, и покрај пандемијата, да се одржат на 10 мај, во предвидениот ток. Опозицијата и влијателната Католичка црква укажуваа дека изборите во ек на пандемија би биле ризик за здравјето и животот на граѓаните.

На крај, изборите на 10 мај беа формално одржани, но „фантомски“, зашто не беше овозможено гласањето по пошта, а гласачките места не беа отворени. Државната изборна комисија објави дека треба да се распишат нови избори. Власта сака тие да бидат што побрзо, затоа што како што ќе почнат да се чувствуваат економските последици од пандемијата, поддршката за нивниот кандидат ќе опаѓа.

Според различни анкети, да имаше избори на 10 мај, Дуда ќе победеше во првиот круг, додека според најновите анкети, сега може да очекува тесна победа дури во вториот круг.

XS
SM
MD
LG