Достапни линкови

Во Шпанија десетдневна жалост за жртвите од Ковид-19


Луѓе со маски во Валенсија, Шпанија.

Шпанија прогласи десетдневна жалост за жртвите од коронавирусот, што досега однесе речиси 27 илјади животи, соопшти денеска шпанската Влада.

Од утре почнува периодот на жалост, кога сите знамиња на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.

Шпанскиот премиер Педро Санчез на Твитер напиша дека тоа ќе биде најдолг период на жалост, во кој сите ќе ја изразат тагата и ќе им оддадат почит на тие што починаа.

За време на десетдневната жалост ќе има и официјална церемонија во чест на жртвите, предводена од кралот Фелипе Шести, соопшти портпаролката на владата, Марија Исус Монтеро.

„Осум од 10 жртви беа постари од 70 години, тие се оние што помогнаа во градењето на земјата што ја знаеме денес“, рече таа.

Досега Кина и Италија имаа национален ден на жалост за жртвите од Ковид-19. Кина тоа го стори на 4 април, а Италија на 31 март.

САД неделава ги спушти знамињата на пола копје во спомен на жртвите од вирусот.

Шпанија вчера соопшти дека од вирусот досега починале 26.834 луѓе, со што го ревидираше бројот на починати за скоро 2.000 по промената на системот за собирање податоци.

Во земјата досега се дијагностицирани 235.000 со Ковид-19.

XS
SM
MD
LG