Достапни линкови

Тачи: Курти ја узурпира премиерската канцеларија


Косовскиот претседател Хашим Тачи

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека вршителот на должноста премиер Албин Курти „се однесува како човек надвор од законот“ и дека ја узурпирал премиерската канцеларија, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Како и да е, треба да бидеме трпеливи, треба да работиме јасно на тоа сите да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд која треба да биде донесена во наредните денови и да се избегне секој вид притисок врз судот“, изјави Тачи.

Уставниот суд објави дека до 29 мај ќе донесе одлука во врска со барањето на владејачкото Движење Самоопределување на премиерот во оставка Курти за толкување на законитоста на одлуката на Тачи да му го додели мандатот за формирање нова влада на кандидатот за премиер од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти.

На 25 март Собранието му изгласа недоверба на кабинетот на Курти, по што претседателот на државата неколку пати побара од владејачката партија да именува кандидат за формирање нова влада. Откако партијата на Курти не одговори на неговите повици, Тачи по консултации со другите парламентарни партии, на 30 април го додели мандатот на Хоти, како кандидат на второрангираната партија на изборите од октомври минатата година.

На 1 мај, партијата предводена од вршителот на должност Курти го оспори пред Уставниот суд декретот на Тачи, тврдејќи дека нова влада, според нивното толкување на Уставот, може да се формира единствено по нови парламентарни избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на Ковид-19.

XS
SM
MD
LG