Достапни линкови

Димитров: Засега нема договор за нова лидерска средба


Никола Димитров

Засега нема договор за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, но се вложуваат напори за да се дојде до консензус околу датумот за избори, изјави денеска министерот за надворешни работо Никола Димитров на денешната координативна средба со кандидатите за пратеници од СДСМ. Тој додаде дека во моментов нема договор за нова лидерска средба, но како што вели, може да се каже дека има комуникација и се вложуваат напори да се постигне консензус.

„Меѓу нашите свети начела е да имаме демократија и многу е важно сите политички чинители да излезат на тој изборен мегдан. Треба да мислиме на државните интереси во овој период. Да потсетам дека предвремените избори практично се иницираа на барање на опозицијата, тогаш контекст беше недонесувањето на зелено светло во контекст на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори“,изјави Димитров.

Тој посочи дека во услови кога Комисијата за заразни болести предвидува втор бран на епидемијата наесен, мора да се искористи овој период и веднаш штом се создадат услови да се оди на избори. Со истата порака беше и вицепремиерката Мила Царовска по денешната координативна средба со кандидатите за пратеници во првата изборна единица.

Димитров истакна дека главниот државен интерес во овој период е да бидат институциите целосно функционални, и да има Собрание, како и политички мандат за стартување на пристапните преговори.

„Тоа е важно и за политичкиот кредибилитет на Владата, да креира политики, а нас не чекаат и преговори со ЕУ. Преговарачката рамка ќе биде главна водилка за сите реформи“, изјави Димитров.

Тој додаде дека и набљудувачите на ОБСЕ се подготвени да ги следат изборите согласно новите стандарди и протоколи поради ковид-19.

Дека неопходни се избори час поскоро порача и Царовска. На прашањето, кога ќе бидат изгласани новите уредби за финансиска помош на граѓаните, вицепремиерката за економски прашања најави дека повеќе детали ќе има од наредната недела.Царовска денеска изјави дека не се доцни со економските мерки, туку дека третиот сет мерки ќе започне да се имплементира кога првите два ќе бидат при крај.

XS
SM
MD
LG