Достапни линкови

Грција со строги правила утре ги отвара плажите


Жена на грчката плажа во Паралиа

Сопствениците на организираните плажи во Грција изминативе денови интензивно работат на подготовките за утрешното отворање, под нови и строги правила и прописи, јавува новинската агенција МИА. Плажите ќе бидат отворени од осум часот наутро, а ќе постои контрола на влезот и регистрирање на бројот на посетители. Дозволени ќе бидат 40 лица на илјада метри квадратни. Минималното растојание помеѓу оските на чадорите треба да биде 4 метри и еден метар меѓу периметарот на сенката на двата чадори. Дозволени се две лежалки на еден чадор, со исклучок на семејствата со мали деца, додека пак растојанието меѓу лежалките од два различни чадори треба да биде еден и пол метар.

Кафулињата и баровите на плажите ќе работат исклучиво со продажба на пакувани производи и кафе и тоа за носење, а забранета е продажба на алкохолни пијалоци. На вработените им се препорачува да носат маска, а се обврзани да ги дезинфицираат лежалките по секој посетител. На плажите ќе биде забрането тимско спортување со физички контакт, а сите посетители треба да го држат и потребното растојание.

Казните за непочитување на новите правила ќе изнесуваат од 5 до 20 илјади евра.

XS
SM
MD
LG