Достапни линкови

Лукашенко ги повика светските лидери на прославата на Денот на победата


Белорускиот претседател Александар Лукашенко

И покрај тековната пандемија на коронавирус, белорускиот претседател Александар Лукашенко ги повика водачите на другите земји да присуствуваат на воената парада која ќе се одржи следната недела во Минск, по повод 75-годишнината од победата над нацистичка Германија. Главниот град на Белорусија се подготвува за годишната парада за Денот на победата на 9 мај, и покрај повикот на Светската здравствена организација властите да воведат мерки за физичка дистанца и да избегнуваат големи јавни собири за да го забават ширењето на вирусот.

„Јавно ги повикувам водачите на други земји, барем од земјите од поранешната Советска унија, да се соберат во Минск,бидејќи тоа е вистинското нешто што треба да го направат“, рече Лукашенко на 5 мај, отфрлајќи ги извештаите на руските медиуми кои го критикуваат белорускиот лидер во врска со неговото справување со појавата на коронавирус.

Во Белорусија во моментот има повеќе од 18.350 регистрирани случаи на коронавирус, вклучувајќи и 107 смртни случаи, но Лукашенко неколку пати јавно ја отфрла загриженоста за опасностите од оваа болест.

Денот на победата ја одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во 1945 година и е најважниот национален празник во Белорусија и другите поранешни советски држави.

Белорусија и Туркменистан се единствените две поранешни советски републики кои не ја откажаа својата традиционална парада.






XS
SM
MD
LG