Достапни линкови

Протести во Словенија, демонстрантите бараат оставка на Владата


Големи протести против владата и нејзините активности за време на епидемијата на коронавирус се одржале синоќа во Љубљана, каде според проценките на полицијата имало околу 3500 демонстранти за велосипеди и пешаци, кои го изразиле незадоволството од работата на владата. Тие со извици и транспаренти побарале нејзина оставка.

Портпаролката на полицијата, Александра Голец за словенечката новинска агенција СТА изјави дека собирот не бил пријавен и дека не е познат организаторот на протестот, но дека се собираат информации за можни прекршувања или казнени дела за време на протестот.

Словенечката влада укина некои од рестриктивните мерки оваа недела бидејќи епидемијата на КОВИД-19 е во пад, но поголемите собири и движење на луѓе на јавни места се сè уште забранети и на сила се превентивните епидемиолошки мерки.

Според словенечките медиуми, слични, но многу помали собири на луѓе на велосипеди против владата се одржале и во Марибор и Нова Горица. Протестите против владата ги организирале активистички групи преку Фејсбук, кои наведуваат дека владата на премиерот Јанез Јанша ја користела епидемијата за да ја зацврсти својата „авторитарна“ власт.

XS
SM
MD
LG