Достапни линкови

Во Дебар нема новозаразени со коронавирус


Архивска фотографија- Дебар во карантин

Според официјалните податоци, што беа соопштени денеска, за состојбата со коронавирусот во државава, потврдено е дека во Дебар нема новозаразени, а негативен е и тестот на последниот случај кој беше присутен во градот.

„Во нашиот град повеќе немаме новозаразени од опасниот вирус. И за последниот случај што го имавме вториот контролен тест излезе негативен, што значи дека и тој е впишан во списокот на лицата кои ја добија битката со овој вирус. Вкупната бројка на заразени останува 51 од кои двајца од Центар Жупа. За жал четворица од заболените починаа“, изјави за МИА градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Посочи дека нема лица ниту во изолација, ниту пак во самоизолација. Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб сепак апелира до граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните, затоа што, како што додава „битката е добиена, но не и војната со невидливиот непријател“.

Инаку дебрани и понатаму се мошне доследни во почитувањето на препораките и мерките. Забраната за движење во периодот од речиси два месеца ја прекршиле помалку од десет лица. Од Оштата болница си замина и последната, четврта група лекари специјалисти кои доаѓаа од Скопје и од други градови за да помогнат во справувањето со коронавирусот.

XS
SM
MD
LG