Достапни линкови

СДСМ: Одлуката на Уставен е срамна, нашите функционери ќе ги донираат платите


Љупчо Николовски, Генерален секретар на СДСМ

По срамната одлука на Уставен суд, функционерите на СДСМ разликата од платата ќе ја донираат во фондот за борба со Ковид-19, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

„По срамната одлука на Уставниот суд, соопштувам дека сите избрани и именувани функционери на СДСМ разликата во платата над 14.500 денари ќе ја донираат во државниот фонд за помагање на граѓаните и борбата против коронавирусот. Во духот на солидарноста министри, пратеници, заменици-министри, државни секретари, директори на претпријатија и останати функционери на СДСМ ќе земаат минимална плата од 14.500 денари, без оглед на одлуката на Уставниот суд. Разбираме низ што поминуваат граѓаните и заеднички, со меѓусебно помагање ќе се избориме со сите предизвици“, рече Николовски на денешната прес-конференција.

Вчера Уставниот суд едногласно донесе одлуката за запирање на кратењето на платите на сите функционери, односно за судиите, обвинителите, пратениците, советниците во општините, директорите и другите раководни лица. Кратењето на платите, односно функционерите да земаат минимална плата беше една од владините мерки за справување со последиците од коронавирусот.

XS
SM
MD
LG