Достапни линкови

„Никола Младенов“ за Владо Апостолов, РСЕ доби пофалница за истражувачка сторија


Наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019

Новинарската награда „Никола Младенов“ која во изминативе години ја доделува Македонскиот институт за медиуми за истражувачки стории годинава му припадна на новинарот Владо Апостолов за сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“. Сторијата е објавена на интернет-страницата „Призма“и открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.

Второто место им припадна на новинарите Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Додека третото место им припадна на Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“.

Македонскиот институт за медиуми додели пофалница за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска од Радио Слободна Европа за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“.

Колку тежи МПЦ – што истражува УЈП?

Колку имот и какви бизниси има ИВЗ?

Пофалници добија и Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).

Комисијата констатира дека со текот на годините квалитетот на новинарските истражувања постојано се подобрува со тоа што во конкуренција биле вкупно 137новинарски текстови.

Во извештајот на Комисијата е наведено дека имајќи предвид колкави ресурси се потребни за квалитетни новинарски истражувања, дека традиционалните медиуми сè уште не успеваат во целост да изградат капацитети за континуирано практикување на истражувачко новинарство. Од друга страна, и на годинешниот конкурс присутен е трендот на доминација на интернет-страниците и специјализираните центри за истражувачко новинарство, кои со поддршка од странски донатори ги реализираат своите опсежни истражувања.

XS
SM
MD
LG