Достапни линкови

Вести

Албанија ги олеснува рестриктивните мерки

Албанија

Албанија од денеска почнува постепено да олеснува на дел од рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на Ковид-19. Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу, изјави дека стратегијата за постепено отворање е подготвена од Техничкиот комитет на експерти. Оваа стратегија предвидува четири фази за постепено олеснување на мерките, кои се тесно поврзани со еволуцијата на инфекцијата „Ковид-19“ и степенот на нејзиното ширење.

Вонредната состојба во Албанија продолжена до 23 јуни

Опсегот на движење за граѓаните ќе се прошири од час и половина на два часа ,одржувајќи ги безбедносните параметри на социјална дистанца, со што ќе се прошири можноста за вршење основни услуги во подолг временски период, рече министерката. Исто така почнуваат со работа и дел од бизнисите на кои ќе им биде дозволено дејноста да ја обавуваат од 5:00 до 17:30 часот со исполнување на одобрените протоколи, обезбедување на задолжителни хигиенско-санитарни услови.

види ги сите денешни вести

Милошоски: Извршител на родово насилство врз жена да не може да биде државен фукционер

Антонио Милошоски.

Пратениците попладнето во рамки на продолжението на 32 та седница дебатираа за дополнетиот предлог Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во второ читање.

За време на расправата, пратеникот од редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски од собраниската говорница изјави дека дава целосна поддршка за Законот за спречување и заштита од насилство врз жените. Тој изнесе податок дека во актуелниот собраниски состав има пратеник кој во минатото бил казнет за силување на жена. Милошоски не го откри идентитетот на пратеникот, ниту од која партија е тој.

„Одлежал казна ама сепак сега врши висока функција. Барам предлогот да не може да извршува висока функција како градоначалник, пратеник, министер да се вметне во законите за избор на градоначалници, пратеници и за избор на влада, човек кој извршил родово базирано насилство врз жена“, рече Милошоски.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека немаат информација дека пратеник имал извршено такво кривично дело.

Гласањето за законот ќе биде дополнително закажано.

Американска разузнавачка аналитичарка осудена на затвор

Елизабет Ширли, американски разузнавачки аналитичар .

Американски разузнавачки аналитичар е осуден на повеќе од 11 години затвор за кражба на материјали за национална безбедност со намера да се продадат на Русија.

Министерството за правда на САД објави дека Елизабет Ширли од Западна Вирџинија е осудена „на 97 месеци затвор за незаконско задржување документи што содржат информации од националната одбрана и 36 месеци затвор за меѓународно киднапирање“.

47-годишната жена признала дека незаконски чувала документ кој содржи информации за националната одбрана, се вели во соопштението.

„Ширли беше на позиција што бараше највисоко ниво на доверба“, рече американскиот адвокат Бил Пауел за Северната област на Западна Вирџинија. „Кога ги изврши овие злосторства, таа не само што ја скрши таа доверба, туку потенцијално ги загрози самите луѓе кои ја вработија.

Во соопштението се вели дека во јули 2019 година, Ширли ја однела својата шестгодишна ќерка во Мексико со намера да воспостави контакт со претставници на владата на Русија за да побара помош за преселување во земја што нема да ја екстрадира во САД. Ширли имала тајни безбедносни дозволи од различни периоди од 1994 година.

ЕК: Компаниите да ги исполнат обврските за вакцините

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека ЕУ инвестирала милијарди евра во развој и производство на вакцини против ковид-19 и дека сега со право очекува фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските кон Европа.

„Сега компаниите треба да го испорачаат својот дел од работата и да ги исполнат своите обврски. Затоа воспоставуваме механизам за транспарентност при извозот на вакцини. Европа е решена да придонесе за глобалното добро, но ние, исто така, бараме да се почитуваат договорите“, рече Фон дер Лајен во видео порака објавена на наејзиниот профил на Твитер.

Европската комисија објаснува дека целта на механизмот се јасни информации за тоа каде одат вакцините против ковид-19 произведени во Европа.

„Не станува збор за тоа дека ние не сакаме некој друг да добие вакцини, туку за компаниите со кои имаме потпишано договори да ги исполнат своите обврски кон нас. Јасно е дека на сите им се потребни вакцини, но исто така е јасно дека ЕУ вложи многу пари за да обезбеди дека ќе ги добие потребните дози, и тоа не во кое било време, туку што е можно побрзо“,изјави портпаролот на Еврокомисијата Ерик Мамер.

Димитров и Османи на средба со Борел

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел се сретнаа со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Според соопштението на владината прес служба, Борел го поздравил високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Соговорниците исто така се согласиле дека започнувањето на преговорите со државава ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.

Во фокус на разговорот била иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сè во контекст на случувањата по усвојувањето на новата методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за државава, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион.

Силва до Димитров и Османи: Правиме се за почеток на преговорите

Каја Калас прва жена премиер на Естонија

Каја Калас, премиерка на Естонија.

Каја Калас стана првата жена премиер во Естонија, откако парламентот ја одобри новата коалициска влада меѓу нејзината десноцентристичка Партија на реформите и левичарската партија на Центарот.

Новата влада, која има 59 места во 101-члениот парламент во Естонија, го заменува претходниот кабинет, кој се распадна во корупциски скандал претходно овој месец. Со новата Влада исто така се става крај на учеството на екстремно десничарската партија ЕКРЕ во владината коалиција.

„Првото нешто со што ќе се справиме е здравствената криза“, рече Калас , алудирајќи на пандемијата на коронавирусите. „Нашата цел е да ја задржиме Естонија што е можно поотворена за луѓето да можат да одат на работа, децата на училиште и да продолжат економските активности“, додаде таа.

Калас, која има 43 години е поранешен пратеник во Европскиот парламент и ќерка на Сиим Калас, еден од основачите на Партијата за реформи, поранешен премиер и поранешен комесар на Европската унија.

Партиите Реформи и Центар се двата главни политички блока на Естонија откако Балтичката земја ја врати независноста од Советскиот Сојуз во 1991 година. Премиерот во заминување Јури Ратас од Партијата Центар се повлече од функцијата на 13 јануари поради скандалот, но инсистираше на тоа дека тој лично не направи нешто лошо.

Коп - Џафери: Не дали ќе има членство во ЕУ, туку кога

Холандскиот амбасадор во Македонија, Јан Коп, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба во Скопје, 26 јануари 2021

Фактот што Република Северна Македонија доби зелено светло за отпочнување на преговорите со Европската унија (ЕУ) во март 2020 година, прашањето за членство на државата во ЕУ не е дали - туку кога, му рекол холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, на претседателот на Собранието, Талат Џафери, на нивната денешна средба, соопштија од прес-службата на Собранието.

Џафери, како што соопшти собраниската Прес-служба, изразил жалење што во текот на германското претседателство со ЕУ не беа надминати разликите со Бугарија и со тоа не беше отворен патот до првата меѓувладина конференција.

Тој потенцирал дека владејачкото мнозинство останува целосно посветено на европската агенда и продолжува интензивно да работи на реализација на сите активности за европеизација на земјата и нејзиното приближување кон евроатланските структури.

Песков: Полицијата беше помалку насилна од демонстрантите

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ денеска соопшти дека не може да има дијалог со луѓето кои „насилно и нелегално протестираат“, откако десетици илјади лица за време на викендот излегоа на улиците на голем број руски градови и побараа ослободување на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите изјави дека нивото на насилство кај некои демонстранти било невидено досега и дека тие се однесувале „многу агресивно“. Песков истакна дека случаите на полициско насилство врз демонстрантите, од кои некои беа снимени на видео, се далеку помали и дека истрагата и за нив е во тек.

Критичарот на Кремљ, Навални, беше затворен поради, како што објавија руските власти, прекршување на условната казна за наводна измама. Тој беше приведен во Москва веднаш по враќањето од Германија каде беше на лекување по труењето со нервниот агенс „новичок“, за што Навални го обвини лично рускиот претседател Владимир Путин. Официјална Москва негира каква било вмешаност.

Европската унија и САД се спротивставија на заторањето на Навални, а блискиот соработник на Путин, Николај Патрушев, го обвини Западот дека „го користи Навални за дестабилизација на Русија“.

Туристичките агенции бараат субвенции на плати без прекин

Архивска фотографија - Излог на туристичка агенција во Скопје

Туристичките агенции бараат од Владата итно продолжување на финансиската поддршка за плати, без изоставување на јануари и зголемување на капацитетите во автобусите. Оттаму, преку пишано соопштение, наведуваат дека финансиската поддршка за плати треба да биде во континуитет бидејќи, како што велат, секој месец се зема плата, а стигнуваат опомени за блокирање на сметките.

Поради стабилизирање на ситуацијата со Ковид-19, бараат да се врати и условот за 75 или 100 процентна исполнетност во автобусите.

„Авионските компании и во екот на пандемијата сообраќаа со целосна исполнетост на нивните авиони, па зошто да не можат и автобусите. Во време кога се трудиме да изработиме било што, ограничени сме со работа поради автобусите. Платежната моќ на граѓаните е намалена поради кризата, не можеме да ги покачиме цените и дополнително одиме во нови загуби“, се наведува во соопштението од туристичките агенции.

Пред две недели од Владата го најавија петтиот пакет економски мерки за помош во справувањето со економските последици од пандемијата со ковид-19, како и продолжување на мерката за субвенционирање на платите, која беше најискористената мерка во претходните четири владини пакети.

Патрушев: Западот го користи Навални за дестабилизација на Русија

Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност

Истакнат „тврд“ соработник на рускиот претседател Вадимир Путин го обвини Западот дека го користи Алексеј Навални за да ја „дестабилизира“ Русија и рече дека затворениот непријател на Кремљ мора да одговара за наводно кршење на законот. Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност, ги даде овие коментари во интервју за медиумот „Аргументи и Факти“.

Интервјуто беше објавено денеска, три дена откако десетици илјади луѓе протестираа низ Русија против затворањето на опозиционерот Навални и против вкоренетата владина корупција.


Навални беше приведен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше од скоро фатално труење од нервен агенс од воен степен во август, за што го обвинува Путин дека нарачал.

Таџикистан прогласи победа над коронавирусот

Претседателот Рахмон за време на денешното обраќање пред таџикистанскиот Парламент

Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон денеска го прогласи Таџикистан за земја без коронавирус, тврдејќи дека немало нови случаи овој месец. Рахмон го изјави ова во обраќањето пред Парламентот на 26 јануари и покрај тоа што Министерството за здравство на почетокот на овој месец соопшти дека неколку нови случаи се регистрирани во оваа централноазиска земја од Нова година.

„Таџикистан денес е без КОВИД-19“, рече Рахмон, додавајќи дека „отсуството на коронавирус“ во границите на Таџикистан не значи дека граѓаните сега можат да ги занемарат регулативите како што се носење маски и одржување дистанца.

Тој исто така рече дека лицата кои пристигнуваат во Таџикистан од други земји мора да бидат ставени во карантин. Таџикистанските власти соопштија дека џамиите во земјата ќе бидат повторно отворени од 1 февруари, се додека ги исполнуваат санитарните услови.

0,01% од Израелците се заразиле по примањето вакцина од Фајзер

Лекарски тим од Тел Авив го прославува почетокот на вакцинирањето против ковид-19, декември 2020

Прелиминарните резултати, што ги објави израелската Организација за одржување на здравјето - ХМО Макаби, покажуваат дека само 20 лица од 128.000 кои ги примиле обете дози на вакцината на „Фајзер“ биле заразени со коронавирус, пренесе новинската агенција „Ројтерс“.

Помалку од 0,01 процент од Израелците кои ја примиле вакцината на „Фајзер“ против коронавирус се заразиле по повеќе од една недела откако ја примиле втората доза. Израел во моментов е меѓу светските лидери кога станува збор за вакцинација против коронавирус. Граѓаните почнале да ги примаат првите дози на 19 декември, пишува „Ројтерс“.

Македонија 23. на Светското во ракомет, Брестовац разрешен

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров

Репрезентацијата на Македонија го заврши седмото учество на Светските првенства во ракомет на 23-тото место, со скор од една победа и пет порази. Според дел од стручната јавност, резултатите биле очекувани, бидејќи македонската селекција на ова светско првенство во Египет отпатува со подмладен состав.

Капитенот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, во интервју за Спортмедиа.мк, оцени: „Одигравме, ќе се осудам да кажам, катастрофално Светско првенство и не би се согласил дека ова е нашиот максимум. Самиот настап на Светското првенство значи многу за сите играчи, особено за помладите“.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска официјално соопшти дека со селекторот Данило Брестовац, денеска взаемно се спогодиле да ја прекинат соработката околу ангажманот на машките ракометни сениори“. Брестовац ја извршуваше оваа функција во период јуни 2019 до денеска.

Силва до Димитров и Османи: Правиме се за почеток на преговорите

Архивска фотографија - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров

Португалското претседателство со Европската унија (ЕУ) го смета процесот на проширување како важно прашање и ќе направат сѐ што е во нивна моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Ова, според соопштението на владината прес служба, на вицепремиерот Никола Димитров и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, им го пренел Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ, на синоќешната средба во Брисел.

На средбата е разговарано за програмата и приоритетите на Португалското претседателство, со акцент на очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. На состанокот беше отворено и европското досие на Северна Македонија, за што двете страни разменија мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ, соопшти владината прес-служба.

Можна е набавка и на кинески вакцини против ковид-19, потврди Филипче

Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, потврди дека здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“ и дека веќе има контакти со производителите.

„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, рече Филипче во интервју за „360“ на ТВ Алсат.


Според него, проблем не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови. Министерот додаде дека и покрај контактите со кинеските производители, Македонија не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор од „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.

Гутереш: ковид-19 делумна причина за ширење на антисемитизмот и говорот на омраза

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на координирана глобална акција за изградба на сојуз против растот и ширењето на неонацизмот и надмоќта на белите. Тој, исто така, повика на меѓународна акција „за борба против пропагандата и дезинформациите“ и повторното оживување на ксенофобијата, антисемитизмот и говорот на омраза предизвикани делумно од пандемијата ковид-19.

Будење на говор на омраза меѓу младите во време на пандемија

Генералниот секретар рече дека е тажно, но не е изненадувачки што пандемијата предизвика уште една ерупција на негирање на холокаустот, изобличување и минимизирање на историјата. Гутереш зборуваше на годишната Меѓународна служба за сеќавање на холокаустот на Обединетите нации по повод 76-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари. Настанот се одржа виртуелно оваа година поради ковид-19.

Сенатот на САД ќе гласа за потврда на Блинкен за нов државен секретар

Ентони Блинкен

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, демократ од Њујорк, го стави за денеска гласањето за кандидатот на претседателот Џо Бајден, нов државен секретар да биде Ентони Блинкен. Вчера Комитетот за надворешни работи на Сенатот гласаше со 15-3 за негово назначување. Блинкен се очекува да биде потврден со силна двопартиска поддршка. Многу законодавци, вклучително и некои републиканци, го повикаа Сенатот да реагира брзо на потврдата за да може да се работи на низа прашања на меѓународната сцена. Доколку биде потврден од Сенатот, Блинкен ќе го наследи Мајк Помпео, кој беше еден од членовите на кабинетот на претседателот Доналд Трамп со најдолг стаж.

Идниот државен секретар на САД - поборник на силни меѓународни сојузи

Блинкен ќе има задача да ја обнови американската дипломатија и глобален ангажман по четири години политика на Трамп „Најпрвин Америка“, обележана со презир кон меѓународните институции и судири со сојузниците и конкурентите. Откако служеше како советник за национална безбедност на Бајден за време на неговиот мандат како потпретседател, Блинкен стана заменик-советник за национална безбедност во времето на претседателот Барак Обама, а подоцна и број 2 во Стејт департментот.

Шефот на иранската дипломатија во Москва

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф денеска во Москва, како што најави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, ќе разговара со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Техеран бара да не се објавуваат детали за нуклеарната програма

Се очекува двајцата министри да продолжат да ја продолжат размената на ставови за меѓународни прашања, вклучувајќи ја ситуацијата околу регионот Нагорно Карабах, договорот за иранската нуклеарна програма и ситуацијата во Сирија, Авганистан и регионот на Персискиот Залив.

Во Србија од денеска се вакцинираат само граѓаните кои добиле повик

Луше без закажан термин чекаат во ред за вакцина против ковид-19 пред импровизираниот центар за вакцинација во Белградски саем во Белград, 25 јануари 2021 година

Владата на Србија објави дека од денеска, само граѓаните кои добиле електронски повик со датумот на вакцинација, ќе можат да се вакцинираат на сите контролни пунктови. Владата соопшти дека „нема потреба, ниту е во интерес на јавното здравство да се создаваат редици и толпи граѓани кои немаат состанок“, бидејќи, како што е наведено, сите граѓани ќе ја примат вакцината во согласност со приоритетниот план.

Вучиќ – Сакаме да направиме фабрика за вакцини, секој си гледа за себе

„Оваа одлука е донесена затоа што бројот на граѓани кои не се пријавиле за вакцинација, а доаѓаат пред пунктови или здравствени установи за да се вакцинираат, секој ден се зголемува. Бараме од граѓаните да ги почитуваат процедурите за регистрација и самата вакцинација, бидејќи тоа е најдобриот начин за вакцината се дава на секого, според утврдените приоритети ", се вели во соопштението.

Во Холандија, втор ден немири по воведувањето на полициски час

Холандија, протести

Во неколку градови во Холандија, синоќа повторно избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите, откако минатиот викенд во таа земја беше воведен полициски час против коронавирусот. Полицијата употреби водени топови против група демонстранти во Ротердам. Немири избувнаа и во мал град на југот на земјата недалеку од Мастрихт, објавија холандските медиуми.

Во Холандија судири на протестите против ограничувањата за коронавирусот

Судири со полицијата избија во неделата вечерта, особено во Амстердам и Ајндховен. Најмногу настрада градот Ајндховен, каде полицијата се судри со стотици демонстранти, палејќи едно возило, фрлајќи камења и пиротехнички средства кон полицијата, кршејќи прозорци и ограбувајќи супермаркет на железничка станица.

Премиерот на Италија ќе поднесе оставка и ќе побара нов мандат

Италијанскиот премиер Џузепе Конте

Италијанскиот премиер Џузепе Конте ќе му ја предаде оставката на шефот на државата денеска, во надеж дека ќе добие мандат за формирање нова влада. Со оставката, Конте сака да избегне ризично гласање во парламентот оваа недела за спорниот извештај за правосудниот систем и да добие повеќе време за да ги убеди центристичките и независните пратеници да преминат во редовите на владата откако во минатата недела го загуби мнозинството во Сенатот.


Во Италија стартува најголемото судење на мафијата

Конте, кој е премиер од јуни 2018 година, се надева дека претседателот Серхио Матарела ќе му даде мандат да формира нова влада со поширока поддршка во парламентот, велат високи владини извори. Конте го загуби мнозинството во горниот дом на Сенатот минатата недела, кога центристичката партија Италија Вива предводена од поранешниот премиер Матео Ренци ја напушти коалицијата поради справувањето на владата со кризата со коронавирусот и економската рецесија. Италија од Втората светска војна имала 66 влади.

Сенатот на САД го прими барањето за импичмент на Трамп

Доналд Трамп

Претставничкиот дом на САД му претстави единствен документ за импичмент на Сенатот, со што го активираше второто судење за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Носејќи го обвинението, документот беше прочитан во Комората на Сенатот, откако менаџерите за импичмент на Претставничкиот дом немо го прошетаа низ истите сали на Конгресот, кои беа преполнети од приврзаниците на Трамп на 6 јануари. Трамп се соочува со судски процес за импичмент во врска со немирите, во кои загинаа петмина, меѓу кои и еден полицаец. Според правилата за импичмент, пристигнувањето на статијата во Сенатот официјално предизвикува почеток на судењето, но лидерите на Сенатот се согласија да ги изменат со одложување на почетокот на 8 февруари.

Продолжување на постапката за отповикување на Трамп

Демократските пратеници кои дејствуваат како обвинители ќе се обидат да убедат доволно републикански сенатори да го осудат Трамп и потоа да одржат одделно гласање за да му забранат повторно да ја извршува функцијата. Трамп, кој беше ослободен од Сенатот по првиот импичмент, е првиот американски претседател на кој двапати му е изречен импичмент и прв на кој му се суди по напуштањето на функцијата.

Времето денеска: облачно со повремени врнежи

Ќе биде облачно со повремени врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а попладне ќе преминат во снег и на повеќето пониски места, но ќе слабеат по интензитет. Особено попладне и кон крајот на денот ќе дува силен северен ветер, што ќе услови нагло опаѓање на температурата. На планините снежната покривка дополнително ќе се зголеми, а поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси. Во западните делови ќе се формира мала снежна покривка и на пониските места. Дневната температура ќе биде од 1 до 9 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 5 степени.

Пендаровски:Нема да се смени односот на Бугарија по изборите во април

За жал вестите од Бугарија зборуваат за „тврд став“ и на опозицијата и власта во однос на нашата земја , така што кој и да дојде по нивните избори на 4 април битна измена во тоа нема да има, изјави денеска во интервју претседателот на Стево Пендаровски во интервју за ТВ Клан. Тој се надева дека сепак ќе се пронајде некоја формулација која нема да значи загрозување на основното човеково право за самопределување и дека на таков начин земјата ќе успее да почне преговори со ЕУ.


Пендаровски посочи дека по победата на Џо Бајден очекува да се засили присуството на САД на Западен Балкан, бидејќи во неговата администрација има луѓе кои имаат директни искуства во овој регион.
„Меѓу нив е Викторија Нуланд, која има лична релација и со нас, со Северна Македонија, но и со регионот“ изјави Пендаровски.


Во однос на македонските реформи во судството Пендаровски изјави дека со новата методологија за тоа т.н. прочистување во судството и во обвинителството, најавена од министерот за правда, сака да биде спроведена во наредниве месеци, година.


„Да не чекаме десетици години, да не бидат повеќе судии и обвинители, оние што не заслужуваат да бидат тоа“ вели Пендаровски.


Тој денеска го потпиша указот за законот за попис на населението. Според него законот за попис ќе го издржи тестот на времето, и ќе ја заврши својата примарна функција.


По две години, изгласан новиот состав на Комисија за заштита од дискриминација

Архивска фотографија, Невладини протестираат за законот за дискриминација

Со 61 глас „за“ пратениците денеска ги избраа новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На денешната пленарна седница пратениците гласаа за листата на кандидати за членови за Комисијата, која беше утврдена на 5 јануари годинава.

За членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа предложени дипломираните правници Игор Јадровски и Неда Чаловска-Димовска од Скопје, политикологот Лимко Бејзароски од Пласница, лекарот Ирфан Деари од Боговиње. Нивниот мандат трае 5 години. Со три годишен мандат се избрани политиколозите Кире Василев и Исмаил Камбери, како и психологот Весна Бендевска.

Слаби резултати од деценискиот обид за спречување на дискриминацијата

Оваа комисија во мај 2019 остана без своите членови и повеќе од една година чека пратениците да се договорат кој ќе ги наследи
Пред 3 месеци Собранието по втор пат го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој се обезбедува принцип на еднаквост во заштита од дикриминација и во остварување на човековите права и слободи.
Законот претходно беше донесен во 2019 година, но Уставниот суд во мај оваа година го укина поради одредени пропусти.

Демократите се подготвуваат да го испратат импичментот за Трамп до Сенатот

Спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси планира да ги испрати документот за импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп до Сенатот

Актот за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ќе биде донесен и претставен во Претставничкиот дом во Сенатот. Утре сенаторите ќе положат заклетва како судии и судењето ќе почне за две недели. Демократите во Претставничкиот дом работат на подготовките за импичмент.

Основна задача на девет претставници на демократите во својство на обвинители е да убедат доволно републикански сенатори да го осудат Трамп, а потоа на повторно гласање да му забранат повторно извршување на функција. Трамп е првиот претседател за кој Претставничкиот дом гласаше двапати за отповикување и прв на кој ќе му се одржи судење за импичмент по напуштање на функцијата.


Причината за отповикување е „ говорот за поттикнување насилство “ кој резултираше со насилен упад во зградта на Конгресот на 6 јануари.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел предложи судењето за повлекување на Трамп да се одложи за февруари за да му се даде време да се подготви за случајот.
Демократите и републиканците имаат по 50 места во горниот дом на Конгресот, а демократскиот потпретседател на Соединетите држави Камала Харис, според Уставот, има решавачко гласање во тоа тело.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG