Достапни линкови

Мела – За два дена тестирани 900 луѓе во Дебар и Центар Жупа


Ментор Мела, епидемиолог од Дебар

Во рамките на скринингот кој се врши од страна на Министерството за здравство поради коронавирусот, во општините Дебар и Центар Жупа вчера и денес се тестирани 900 лица.

Оваа денеска за Радио Слободна Европа го изјави раководителот на единицата за јавно здравје во Дебар, епидемиологот Ментор Мела, јавува нашиот дописник Кенан Мимидиновски.

Мела додава дека во Дебар се пристигнати 2342 тестови и во реализацијата на тестирањето се вклучени 17 матични лекари, гинеколози и педијатри од двете општини каде што беа регистрирани првите болни од вирусот КОВИД-19. Мела додава дека тестирањето се одвива без проблеми, како во Дебар, така и во општина Центар Жупа.

Матичниот лекар Абиб Мулаи изјави дека распределбата на тестовите е извршена на коректен начин во согласност со бројот на пациентите.

Педијатарот Арбен Аголи, кој инаку и самиот беше болен од вирусот КОВИД-19, за РСЕ рече дека во детската амбуланта „Педијатрија Д“ за двајцата лекари педијатри бројот на тестовите е над 200 и тие ќе тестираат деца во две категории - од нула до 4 години и од 5 до 14 години.

„Поради тоа што тестовите пристигнаа вчера, имаме тестирано само 20-тина деца“, додаде Аголи.

Епидемиологот Ментор Мела демантира дека само вчера биле тестирани 1300 лица, вест која беше пренесена од МИА, а ја презедоа многу медиуми меѓу кои и РСЕ.

XS
SM
MD
LG