Достапни линкови

Јапонската влада ќе му даде 857 евра помош на секој жител на земјата


Јапонскиот премиер Шинзо Абе

Јапонските власти ќе му дадат по 100 илјади јени, или околу 857 евра, на секој жител на земјата, без разлика дали е Јапонец или странец, за да помогне во одржувањето на стопанството за време на пандемијата на коронавирус, изјави денеска премиерот Шинзо Абе.

„Ќе вложиме напори сите брзо да ги добијат парите“, рече Абе на прес-конференцијата на која објасни зошто ја проширија вонредната состојба на целата територија на земјата.

Јапонската влада првично планираше на домаќинствата чии приходи се намалени од почетокот на епидемијата да им подари по 300 илјади јени, што се околу 2750 евра, но на крајот одлучи помошта да ја распредели на секој граѓанин.

Абе се извини за збрката која настана при промената на одлуката.

Таа мерка е дел од планот за економско заживување во износ од околу 900 милијарди евра.

Во Јапонија се регистрирани 9100 заразени од коронавирусот, од кои 148 починаа.

Властите првично воведоа вонредна состојба во седум региони, меѓу кои и Токио и Осака, но таа мерка беше проширена на целата земја, за да се спречат патувањата за време на таканаречената „Златна недела“ кон крајот на април и почетокот на мај, кога Јапонците обично имаат една недела одмор.

XS
SM
MD
LG