Достапни линкови

Филипче – Влегуваме во критична фаза, ќе расте бројот на заразени од Ковид-19


Министерот за здравство Венко Филипче.

Поставена е нова организација на комуникација во Министерството за здравство поради новонастаната ситуација, но процесите во борбата против коронавирусот остануваат под максимална координација меѓу сите институции, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче преку онлајн конференција.

Тој рече дека периодов за сите прашања со јавноста ќе комуницира онлајн од домашни услови и дека во секое време ќе биде достапен за прашањата на медиумите, но дека ќе комуницира и со сите колеги во Комисијата за заразни болести.

Вчера министерот за здравство Филипе, заедно со премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот Бујар Османи, беа на средба со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за кој денеска по добиените резултати беше објавено дека е позитивен на коронавирус. Тројцата министри од денеска се во домашна изолација.

Според Филипче, ризикот да биде позитивен на Ковид-19 е многу мал според проценките на инфектолозите, бидејќи како што рече, носел маска за време на средбата со Димитриевски.

Филипче додаде дека немале инфорамции дека луѓето во кумановскиот кризен штаб чекале резултати за коронавирус.

Во изминативе 24 часа во земјава се потврдени 107 нови случаи на новиот коронавирус, додека еден пациент на 50 годишна возраст од струшко инфициран од Ковид-19 почина на Клиниката за инфективни фебрилни болести, соопшти денеска Министерството за здравство.

„Бројот на заболени не треба да изненадува, следува пикот во неделите кои се пред нас, апелирам граѓаните да ги почитуваат сите мерки со цел да се сепречи ширењето на вирусот“, изјави Филипче.

Тој апелираше дека за велигденските празници не смее да има групирање, посочувајќи дека „влегуваме во критична фаза, бројот ќе расте“, но апелираше дека не смее тој да биде дополнителен.

„Собирање од било каков тип е огромен ризик, апелирам граѓаните ова да го сфатат сериозно и да се придржуваат кон препораките“, рече Филипче.

На новинарско прашање, тој рече дека смртноста на пациентите во Македонија кои се ставени на респиратор е со висок процент, но додаде дека слична е ситуацијата во повеќе земји во светот и дека овој степен на компликации е карактеристичен само за овој вирус.

„Влошувањата одат многу нагло, навистина на инфективната клиника работат инфектолози со големо искуство за водење на пациенти со респиратодна машина“, рече Филипче.

На прашањето дали властите планираат да се затвори Куманово поради големиот број на случаи, Филипче рече дека за тоа разговарале, но наведе дека има голем број на граѓани од Куманово кои работат во Скопје, околу 4.000 граѓани.

Тој најави дека утре официјално ќе биде разгледано барањето на Комисијата за заразни болести, дали Куманово да се затвори.

XS
SM
MD
LG