Достапни линкови

Нови 49 случаи на коронавирус, двајца починати


Клиника за инфективни болести во Скопје.

Нови 49 случаи на новиот коронавирус се регистрирани во изминатите 24 часа, а двајца пациенти починале, соопшти денеска Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека од новозаболените 13 се во Скопје, 14 во Куманово, шест во Штип, осум во Прилеп, шест во Велес и по еден во Гостивар и во Кочани. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјава во моментов изнесува 760 лица.

„На Клиниката за инфективни болести и фербилни состојби во Скопје почина 73-годишен пациент од Прилеп примен на болнички третман на 1 април, а во Куманово на Клиниката за хематологија почина 76-годишен новодијагностициран пациент“, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатото деноноќие на Клиниката се примени тројца пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 68, од кои 15 се на кислородна поддршка и осум на механичка вентилација.

Во болницата „8 септември се примени“ осум нови пациенти, со што вкупно се хоспитализирани 28 потврдени и сомнителни на коронавирус. Од нив девет се со потешка клиничка слика, а шест пациенти се на респираторна машина.

Во болницата во Битола се хоспитализирани пет пациенти, еден е повремено на кислородна поддршка, а другите се стабилни. На домашно лекување преку оваа болница се следат седум пациенти кои се во добра општа состојба.

Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на коронавирус, а уште 13 се следат на домашно лекување. Од Министерството информираат дека сите пациенти се стабилни, освен една кај која има влошување на состојбата.

Во изминатите 24 часа направени се 586 теста: преку Институтот за јавно здравје 423, преку Ветеринарен факултет - 6, Авицена – 15, Биотек – 24, и Филип Втори – 118. Досега во земјава се направени 7.653 тестирања на Ковид-19.

Смртните случаи ширум светот ја надминаа бројката 102.000 на почетокот на 11 април, а бројот на потврдени инфекции достигна 1,7 милиони, според глобалната база на податоци што ја води Унивезитетот Џонс Хопкинс.

XS
SM
MD
LG