Достапни линкови

Филипче: Тестот на Заев негативен на коронавирус


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека тестот за коронавирус на претседателот на СДСМ, Зоран Заев е негативен. Заев е во самоизолација, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако се обелодени дека позитивен на вирусот е новинарот на телевизија Канал 5, Гоце Михајловски кој ги интервјуираше двајцата лидери.

Филипче порача дека со оглед на тоа што двата теста се негативни нема ризик и нема потреба да се тестираат луѓето кои биле во контакт со нив, ниту пак да се самоизолираат. Заев согласно препораките, според Филипче, ќе биде во самоизолација во времетраење од седум дена, со оглед на тоа што периодот на инкубација е 14 дена, а тој со Михајловски имал средба пред една недела.

Мицкоски и Заев во изолација, новинарот Михајловски хоспитализиран

Во однос на контактот на Михајловски со неговите колеги, Филипче посочи дека епидемиолозите биле во комуникација со одговорните од телевизијата и се направиле интервјуа со сите вработени коишто имале контакт, што се смета дека се од висок ризик. Од канал 5 информираа дека четворица вработени се во самоизолација.

Во изминатите 24 часа, според Филипче, биле спроведени рекордни 496 тестови, а позитивни на коронавирус има 48 лица, а вкупно 711 случаи. Досега се направени 7067 тестирања. Голем дел од новозаболените во Куманово се луѓето кои биле во самоизолација. Бебето кое е позитивно на вирусот, посочи тој, е во стабилна здравствена состојба.

Филипче не ја исклучува можноста вирусот да бил присутен во државата порано откако обдукцијата на жената која починала во јануари во Велес, покажала дека таа била заразена со Ковид- 19.

Во врска со починатиот притвореник во затворот Шутка кој немал симптоми на болеста Филипче порача дека интензивно се работи, направени се прегледи и тестови кои продолжуваат викендот, вклучително и на персоналот и вработените во затворот. Во Агенција за храна и ветеринарство има една вработена, заболена од вирусот, која од 2 април е дома, а седум колеги кои биле во контакт со неа се во домашна изолација.

„Битно дека има линеарен пораст и успешно го амортизираме ударот во однос на примање пациенти. Од почеток на наредна недела ќе почнеме да се подготвуваме за тоа како животот ќе се врати во нормален колосек. На секој од нас му треба оптимизам и дека овие сериозни мерки ќе завршат и само сплотени и одговорни ќе го дочекаме тој ден“, рече Филипче.



XS
SM
MD
LG