Достапни линкови

Во кумановската болница заболени 11 медицински лица од коронавирус


Архивска фотографија: Болницата во Куманово

Единаесет медицински лица од кумановската болница се заболени со коронавирус, потврди министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Има заболено и медицински техничар во Инфективната клиника во Скопје.

„Во Куманово имаме 11 потврдени случаи позитивни на коронавирусот, оваа бројка ја загрозува работата на Инфективното одделение, поради тоа двајца доктори од Скопје и Штип ќе ја одржуваат работата на ова одделение. Во овој момент, бидејќи има заболени и на оделението за рентген и општи лекари, сè уште траат епидемиолошките анкети, врз основа на тоа ќе се реорганизира работата во болницата“, рече Филипче.

Претходно, директорката на Кумановската болница, Снежана Захариева, за МИА, рече дека двајца од заболените се доктори, тројца се ренген техничари, три се сестри на Одделението за хирургија, две се сестри на Инфективното одделение и една медицинска сестра од Одделот за неонатологија.

Во изминатите 24 часа има 46 нови случаи на заболени со коронавирус, а двајца починале на Клиниката за инфективни болести. И двајцата починати имале сериозни здравствени проблеми.

Покрај 11 здравствени работници, во Куманово денеска беа откриени уште 12 други позитивни случаи. Останатите случаи се во: Скопје – 13, Дебар – 2, Прилеп – 1, Тетово – 2, Велес – 2, Гостивар – 1 и Гевгелија – 2.

Тројца пациенти, пак, се испишани и одат на домашно лекување.

Со тоа вкупниот број заболени достигна 430.

Владата денеска донесе одлука за полициски час во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21 часот вечерва до 5 часот в понеделник. Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот.

XS
SM
MD
LG