Достапни линкови

Дука – Седете дома, сè уште има коронавирус во Дебар


Дебар, кризна состојба

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на денешната прес-конференција побара од граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките со цел да се спречи проширувањето на коронаврусот.

„Три дена немавме позитивен на Ковид-19 од нашата општина. Денеска потврдени се два нови случаи. Тоа значи дека опасниот вирус сè уште е во Дебар, што пак предупредува дека мерките и препораките и понатаму треба строго да се почитуваат. Останете дома, тоа е најефикасната мерка за справувањето со овој опасен вирус. Излегувајте само за неопходна потреба, а тогаш одржувајте ја социјалната дистанца“, порача Дука, кој воедно раководи и со општинскиот Оперативен штаб.

Според него, вчера и денеска се тестирани 22 лица за кои се очекуваат резултатите, додека во домашна изолација се 131 лице.

„Безбедносната состојба е добра, граѓаните ги почитуваат владините мерки и полицискиот час и нема никакви прекршувања во овој поглед. Во Дебар сè уште има странски државјани и тоа од САД и од Канада кои се затекнати по прогласувањето на кризната состојба на 13 март. Во постојан контакт сме со амбасадите на споменатите земји и се надеваме дека проблемот ќе биде надминат“, наведе Дука.

Тој информираше дека продолжува да пристигнува хуманитарна помош, која сега се распределува според списокот утврден од страна на хуманитарните организации и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Оперативниот штаб.

Со новозаразените во Дебар вкупниот број заболени се зголеми на 49 (двајца од Центар Жупа), од нив четворица се починати, тројца мажи и една жена. Почината жена е од селото Баланци општина Центар Жупа, која со сопругот беа првозаразени.

XS
SM
MD
LG