Достапни линкови

СЕ: Значителен напредок во спроведување на пресудите на ЕСЧП


Европски суд за човекови права, илустрација

Советот на Европа во својот годишен извештај за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) во земјите-членки, посочува дека земјите покажале значителен напредок, но дека и натаму се соочуваат со предизвици.

Во денеска објавениот извештај за 2019 година се наведува дека помеѓу 2010 и 2019 година имало 2.120 нови случаи кои„укажуваат на структурни или системски проблеми на национално ниво“ и дека 2.287 вакви случаи биле затворени, што претставува стапка на завршување од 108 проценти.

Спротивно на тоа, од 2000 до 2010 година имало 1.470 нови случаи, од кои само 602 затворени, или 41 процент стапка на затворање на предметите.

Генералниот директор на Советот на Европа за човекови права и владеење на правото, Христос Јакомопулос, изјави дека реформите спроведени во изминатите 10 години помогнале побргу да се затвораат случаите и бројот на отворени случаи постојано да опаѓа.

„Сепак, значителен број процеси сè уште се во тек и претстојат многу нови предизвици, што укажува на важноста на конструктивен ангажман и соработка помеѓу Советот на Европа и нејзините 47 земји-членки со цел понатамошен напредок“, рече Јакомопулос.

„Извештајот за 2019 година, исто така, укажува на значителното зголемување на учеството на граѓанскиот сектор во спроведувањето на пресудите на ЕКЧП“, се вели во соопштението.

Извештајот покажува дека најмногу затворени поголеми случаи во 2019 година има во Турција (31), Бугарија (16), Грција (15), Украина (15) и Русија (13).

XS
SM
MD
LG