Достапни линкови

Алили - Дебарската болница има потреба од респиратор


Болницата во Дебар

Директорот на општата болница во Дебар, Баки Алили, денеска изјави дека оваа здравствена институција има неопходна потреба за добивање на еден апарат – респиратор бидејќи е зголемен бројот на болни лица од новиот коронавирус. Тој додаде дека болницата досега немаше потреба од респиратор, бидејќи нема посебно одделение за пулмолошки проблеми, но сега состојбата е поинаква.

„Ние имаме една просторија во која по потреба би сместувале болни лица од коронавирус, но тука е потребен и респиратор“, изјави директорот Алили за Радио Слободна Европа.

„Ние сме во редовни контакти со министерот за здравство Венко Филипче и верувам дека ќе ни излезе во пресрет со апаратот“, рече Алили.

Директорот на дебарската болница информира дека болните лица од коронавирус со полесни симптоми и здравствени проблеми се во домашна изолација, како и лицата за кои има сомнежи дека е можно да имаат коронавирус. Тие имаат редовна посета од екипата на лекари која сега е засилена и со двајца инфектолози и двајца пулмолози од државната клиника во Скопје.

Досега во Македонија се регистрирани 35 случаи на коронавирис, од кои најголемиот дел се во Дебар и околината. Владата пред пет дена прогласи кризна состојба во Општините Дебар и Центар Жупа.

XS
SM
MD
LG