Достапни линкови

И власта и опозицијата бараат одложување на изборите


Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Лидерите на власта и на опозицијата денеска побараа одложување на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април, поради настанатата состојба со коронавирусот.

Според претседателот на СДСМ, Зоран Заев, доколку се одржат изборите постои ризик од ширење на коронавирусот, имајќи предвид дека граѓаните ќе мора да излегуваат на избирачки места за да гласаат.

„Кога здравјето на граѓаните ќе биде обезбедно трајно ќе донесеме одлука кога да се одржат изборите. Се соочуваме со најголемиот светски здравствен предизвик. Драго ми е дека сме на иста линија со опозицијата“, рече претседателот на СДСМ.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, вели дека сите препораки на релевантните домашни и светски организации се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности, што значи дека треба да се одложат закажаните избори.

„Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање интересот на државата и граѓаните, и затоа денес ќе побарам свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните“, изјави Мицкоски.

И лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска преку соопштение најави дека партиски приоритет е јавното здравје и оти би прифатиле одложување на изборите и кампањата.

„Апсолутен приоритет на секој од нас, особено ние што сме во јавна служба, е граѓанинот и јавното здравје. Изборите и кампањата се последни во агендата на нашите приоритети, затоа што сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање на победа во заедничката борба против вирусот“, посочува Ахмети.

Денеска попладне, кај претседателот Стево Пендаровски, ќе се одржи седница на Советот за безбедност заради ситуацијата со корнавирусот.

XS
SM
MD
LG