Достапни линкови

Мигрантите на грчките острови ќе добијат пари за да се вратат дома


Мигранти на грчкиот остров Лезбос.

На 5000 мигрантите кои се наоѓаат во камповите на грчките острови ќе им биде понудено доброволно да се вратат во земјите од каде потекнуваат и при тоа ќе добијат по 2000 евра парична помош, најавија европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансен и министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис по нивната денешна средба.

Еврокомесарката вели дека во период од еден месец ќе се отвори можност за мигрнатите на грчките острови, во пренатрупаните кампови да се пријават за волонтерско враќање и да им се дадат пари, за да им се помогне одново да се интегрираат во земјите на потекло.

„Ова е можност што ќе биде отворена само на еден месец, но мислам дека е можност да се намали притисокот на островите и за другите луѓе кои што сѐ уште во камповите, рече Јохансон, објаснувајќи дека оваа можност ќе биде за мигрантите кои пристигнале во Грција пред 1 јануари 2020.

Грчкиот министер вели дека состојбата на островите не може понатаму да продолжи исто.

„Веќе соопштивме префрлање на 10 000 мигранти во други делови на земјата во 2020. Денес соопштуваме дополнително растеретување на островите со доброволно префрлување на 5000 баратели на азил во нивните земји на потекло. Побаравме и добивме финансиски средства за програмата. Но, и средства за активности што ќе придонесат за подобрување на ситуацијата на островите и во континентална Грција“, рече Митаракис.

На средбата, станало збор и за децата бегалци без придружба, за кои Јохансон рече дека е прашање за кое итно треба да се најде решение.

Истакна дека седум земји членки веќе се согласиле да преземат дел од децата, односно да има околу 1600 префрлувања на деца бегалци без придружба од Грција и грчките острови.

XS
SM
MD
LG