Достапни линкови

Нови мерки за коронавирусот - Сите образовни установи затворени во наредните 14 дена


Венко Филипче

Градинките, основните и средните училиштата, универзитетите, како и научните институти ќе бидат затворени во наредните 14 дена (од 11 до 25 март), одлучи Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

До ова доаѓа откако во земјава се регистрирани седуммина заболени, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести која однесе во карантин над 100 лица.

Истовремено, се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено над 1000 луѓе, сите културни настани на ниво на РСМ, а спортските настани да се одвиваат без публика.Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Филипче, во одговор на новинарско прашање дали се работи за забрана или препорака за собири над 1.000 лица, бидејќи забраната во следните 14 дена ќе значи и забрана на почетокот на кампањата за парламентарните избори, рече дека справувањето со коронавирусот е врвен приоритет на државата и дека не се калкулира со партиски собири.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, како што се маски и слично освен со посебна довола од Министерството за здравство.

„Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз“, рече министерот Филипче и додаде бремените жени да не одат на работа, а владините служби да ги одложат сите патувања.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана. Наложено е да се воведе т.н. хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании и се забранува организиран превоз кон високоризичните земји. Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

XS
SM
MD
LG