Достапни линкови

Аселборн: Ако Франција го смени ставот, сите ќе го сменат


Шефовите на дипломатиите на Луксембург и на Северна Македонија, Жан Аселборн и Никола Димитров, на заедничка прес-конференција - Скопје, 9 март 2020 година.

Направивте големи напори на патот на интегрирање во ЕУ, беше донесен Договорот од Преспа, го донесовте Законот за јавно обвинителство, клучен фактор, поради кој одредени земји не дадоа зелено светло, порача министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн денеска на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Аселборн потенцираше дека земјата е подготвена за отворање на преговорите, беа спроведени реформи и додаде дека и Договорот од Преспа, но и реформите треба да продолжат да се спроведуваат и по изборите.

„Уверен сум дека се движите во добар правец и сето тоа е во интерес на оваа земја. Вратата на ЕУ е отворена. Ви посакувам среќа и ќе сториме се за да добиете шанса во Брисел и ЕУ и Северна Македонија да можат да се движат во ист правец наредните неколку години“, рече Аселборн, кој нагласи дека тоа е во интерес не само на Северна Македонија, туку и на целиот регион и на самата ЕУ.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со резервираниот став спрема проширувањето и на други земји членки на ЕУ, освен Франција, како Холандија и Данска, Аселборн истакна дека смета оти ако Париз го промени ставот, тогаш веројатно и останатите држави ќе го следат тој пример.

Тој потсети дека на минатиот Самит на Унијата Франција „изврши притисок“ за промена на методологијата за проширување и рече дека ќе ги чека извештаите на Европската комисија за земјите кандидати.

XS
SM
MD
LG