Достапни линкови

Кризна состојба на јужната и северната граница, транзитот на мигранти веќе не е опција


Мигранти на турско-грчката граница.

Целосно ќе се затвори јужната граница во насока да се спречи нов мигрантски бран, изјави денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој беше во посета на Секторот за внатрешни работи во Тетово.

„Македонија е во постојана комуникација и со ФРОНТЕКС и со нашите партнери од Европската унија. Македонија дефинитивно ќе ја затвори граница и ние имаме капацитети во однос на претходата мигрантска криза и сега сме многу подобро подготвени. Имаме и партнерски полицајци во заеднички патроли на јужната граница. Во моментот има 131 полицаец од осум држави и имаме материјално технички средства. Ќе дадеме максимум за да ја затвориме нашата границата и да спречиме нов мигрантски бран кон територијата на нашата држава и со тоа и кон територијата на ЕУ“, истакна Чулев.

Засега, според министерот, иако има прогласено кризна состојба на јужната и северната граница, на јужниот дел состојбата е стабилна.

Претходно премиерот Оливер Спасовски рече дека државата нема да дозволи влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во целиот овој регион.

Прашан дали Владата има план во врска со мигрантите по изјавата на српскиот претседател за херметичко затворање на границата, Спасовски рече дека е очигледно оти транзитот повеќе не е опција.

„Знаете дека имаме веќе прогласено кризна состојба, дека се зголемени силите и на Армијата и на полицијата на јужната граница. На основа на сите информации коишто ги добиваме од нашите служби, од партнерските служби се следи ситуацијата. Сега засега е стабилно немаме никакво зголемување на мигранти коишто би можеле да се обидат да влезат на територијата на Република Северна Македонија, меѓутоа, ставот е дека ќе имаме нулта толеранција“, изјави Спасовски.

XS
SM
MD
LG