Достапни линкови

Мицотакис - Договорот ЕУ – Турција е мртов


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Договорот помеѓу Турција и Европската унија е мртов, бидејќи Турција реши целосно да го прекрши, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за Си-ен-ен“. Тој објаснува дека официјална Анкара го прави токму спротивното од она што е предвидено во договорот со ЕУ од 2016 година.

„Турција има обврска да ги спречи луѓето да стигнуваат на крајбрежјето, има обврска да прави сѐ што може за да ги ограничи криумчарите и да им забрани на луѓето, нелегално да ги преминуваат границите со Грција. Ова е точно она што го предвидува договорот. А Турција го прави токму спротивното. Систематски им помагаат, како на копно така и на море, на напорите на луѓето да преминат во Грција“, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер наведе и дека Турција не може да ја уценува Европа, а „Ердоган треба да го сфати тоа и да престане да шири лажни вести“.

„Со она што сме соочени во овој момент, во суштина не е мигрантски или бегалски проблем. Тоа е свесен обид на Турција да користи мигранти и бегалци како геополитички пиони за промоција на нејзините интереси. Луѓето кои што се обидуваат да поминат во Грција не се луѓе кои доаѓаат од Сирија, не се од Идлиб. Живеат во Турција голем временски период, повеќето од нив течно говорат турски јазик“, вели Мицотакис.

Грчката полиција една недела веќе се обидува да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија. Приливот на мигранти уследи по најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја отвори границата и ќе им дозволи на мигрантите да влезат во Европа.

XS
SM
MD
LG