Достапни линкови

Вучиќ: ако е потребно поради мигрантската криза херметички ќе се затворат границите


Архивска фотографија- српскиот претседател Александар Вучиќ

По пишувањето на српските медиуми, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска потврди дека издал наредба ако е потребно, поради мигрантската криза, херметички да се затворат границите, јави дописникот на МИА од Белград.

„Издадов наредба на српската војска, го замолив Бирото за соработка со сите (безбедоносни) служби, како и МВР, и српската Влада, доколку дојде до загрозување на националната безбедност, можеме речиси херметички да ги затвориме границите на нашата земја“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека Србија отсекогаш покажувала солидарност и им помагала на мигрантите, но, како што кажа, „ние да бидеме единствена жртва и земјите од Западен Балкан тоа да бидат, тоа нема да се случи“.

„Ќе ја затвориме границата во рок од 12 часа ако е потребно. Веќе почнавме да работиме на некои работи, но се надевам дека тоа нема да се случи“, истакна Вучиќ.

Во меѓувреме продолжуваат тензиите на грчко-турската граница каде што неколку илјади мигранти се собраа во обид да влезат во Грција и да го продолжат патот кон Европската унија. Светските агенции јавија дека утрово повторно дошло до судири на границата. Според Ројтерс, турската полиција испукала солзавец кон грчките полицајци кои ја чуваат оградата поставена на границата. Агенцијата Франс прес јавува дека грчката полиција испукала солзавец, а пукала и со водени топови во момент кога насобраните се обидувале да ја урнат оградата.

XS
SM
MD
LG