Достапни линкови

Членките на ЕУ го поздравија примирјето меѓу Москва и Анкара за Сирија


Архивска фотографија- шефот на европската дипломатија Џозеп Борел

Земјите членки на Европската унија условно го поздравија руско-турскиот договор за прекин на огнот во Сирија, но побараа од страните да дозволат поголем проток на хуманитарна помош.

Министрите на 27 земји членки на унијата денеска одржаа состанок во Загреб, Хрватска земјата која во моментов претседава со ЕУ. Тема беше кризата во северозападната сириска провинција Идлиб каде што Анкара се бори против сириските владини сили поддржани од Москва.

Прекинот на огнот стапи во сила синоќа и со него треба да престанат интензивните борби кои доведоа до хуманитарна криза.

"Секако дека сум задоволен од прекинот на огнот, тоа е добра вест, барем покажува добра волја, да видиме како ќе функционира“, рече шефот на европската дипломатија Џозеп Борел.

ЕУ објави и дека ќе одделат 60 милиони евра за хуманитарна помош за северозападна Сирија, како дел од пакетот вреден 170 милиони евра за оние на кои што им е потребно во земјата разурната од војна.

По ескалацијата на кризата во Сирија турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја отвори турската граница кон Грција за бегалците и мигрантите. Турција побара поддршка од ЕУ за нејзините акции во Сирија и некои земји- членки го обвинија Ердоган за уцена.

Во заедничкото соопштение на министрите на земјите членки објавено по денешниот состанок се наведува дека го отфрлаат притисокот со мигранти кој го прави Турција поради политички причини.

„Нелегалното поминување нема да биде толерирано. Во тој поглед ЕУ и земјите членки ќе ги преземат неопходните мерки во согласност со европските закони и меѓународното право“, се наведува во соопштението.

XS
SM
MD
LG