Достапни линкови

На 8 Март, марш за правата на студентките: Ти не си виновна!


Илустрација

Заедно да се спротивставиме! Студентките не се виновни!, порачуваат од Универзитетското студентско собрание.

На Меѓународниот ден на жената, 8 март, во Скопје ќе се одржи „Марш за женски права: Ти не си виновна“, објави на својата Фејсбук страница Универзитетското студентско собрание при УКИМ. Маршот за поддршка борбата за женските права да продолжи ќе почне во 11.30 часот, пред Ректоратот на УКИМ.

„Во очи на празникот 8ми март, секој од нас може да се запраша, колку е всушност среќен овој 8ми? Сведоци сме на секојдневното избуткување на жените на маргините од нашето општество, во здравството, на работното место и пред сè во образовниот систем. Неретко студентките при нашиот универзитет се среќаваат со дофрлување, понижување и вознемирување од највисок степен. Не можеме да бараме целосно вклучување на жената во општеството како рамноправна, како човек, ако образовниот процес постојано и се загрозува уште од основното па се до високото образование. Време е да застанеме заедно и да се спротивставиме на сите оние кои си дозволиле да ги поминат границите на својот авторитет, време е да се спротивставиме на сите кои сметаат дека жените стојат на располагање за чисто естетски причини и на сите кои сметаат дека не сме во позиција да кажеме "НЕ". Време е да им подадеме рака на колешките, да им се придружиме во борбата и да им помогнеме да им се чуе гласот“, се вели во објавата на Универзитетското студентско собрани.

Рутата на маршот ќе биде од Ректорат до Плоштад Карпошово востание, каде што ќе се приклучат на официјалниот Осмомартовски марш.

„За сите оние кои биле изложени на ваквиот третман во своето образование. Заедно да се спротивставиме! Студентките не се виновни!“, порачуваат од Универзитетското студентско собрани.

XS
SM
MD
LG