Достапни линкови

Солзавец и водени топови на грчко-турската граница


Илустрација- мигранти за оградата на грчко-турската граница

Светските агенции јавуваат дека утрово повторно дошло до судири на грчко-турската граница каде што илјадници мигранти и бегалци се обидуваат да ја поминат границата и да заминат кон земјите од Европската унија.

Според Ројтерс, турската полиција испукала солзавец кон грчките полицајци кои ја чуваат оградата поставена на границата. Агенцијата Франс прес јавува дека грчката полиција испукала солзавец, а пукала и со водени топови во момент кога насобраните се обидувале да ја урнат оградата. На тоа мигрантите возвратиле со фрлање камења, јавува репортерот од терен на АФП. Наскоро по инцидентот ситуацијата се смири и стотиците мигранти седнаа на земја извикувајќи „мир“, „слобода“, „отворете ги вратите“.

Анкара минатата недела соопшти дека веќе нема да ги задржува стотиците илјади мигранти по нападите во сириската провинција Идлиб во кои загинаа 33 турски војници. Турција и Русија кои поддржуваат различни страни во Сирија вчера постигнаа договор за прекин на огнот во северозападната сириска провинција Идлиб.

Турција минатата недела, пак,соопшти дека повеќе нема да ги спречува мигрантите и бегалците кои се на нејзина територија да тргнат кон ЕУ.

Челниците на унијата неделава побараа од Анкара да го почитува договорот со ЕУ од 2016 година. Во него Турција се согласува да го запре протокот на мигранти кон Европа во замена за шест милијарди евра помош. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека не им биле исплатени ветените пари, а унијата, пак, дека ги исплатиле целосно на организациите за помош на бегалците, а не директно на турската влада.

XS
SM
MD
LG