Достапни линкови

Завршена обновата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ - Скопје


Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје

Блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје се реновирани и денеска беа пуштени во употреба. Со ова, најголемиот студентски дом во земјава е целосно обновен и енергетски ефикасен.

За реновирање на двата блока владата инвестирала 2,7 милиони евра, поточно 2,3 милиони евра за реновирање и околу 400 илјади евра за мебел и санитарии. Покрај реновираните студентски соби, помошните заеднички простории на еден кат се пренаменети во простории за спортски и рекреативни активности со вградена вентилација.

На официјалното отворање на блоковите присуствуваше и премиерот Оливер Спасовски, кој рече дека станува збор за студентски дом во кој може да бидат сместени околу 1200 студенти или 30 проценти од капацитетот на Студентскиот центар.

„Тука не застануваме, треба да се заврши до крај проектот за партерно уредување на овој дом. Исто така, во крајна фаза е проектот за студентскиот комплекс „Стив Наумов“ каде што целосно ќе се реновира зградата 1 и 2, а за подобрувањето на условите во иднина ќе треба да се заврши и реновирањето на заедничките простории на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ и таа зграда да се направи енергетски ефикасна. Многу време нема вложување во овој сектор, МОН во овој период заедно со Студентскиот центар направи низа активности со цел да се обезбедат финансии за прокети и тоа да може да го завршиме на најдобар можен начин“, изјави премиерот Спасовски.

Од своја страна, Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека Владата и МОН се посветени на унапредување на стандардот на студентите и во таа насока, рече, е направена измена на Законот за студентски стандард заради дополнителна финансиска поддршка за да се обезбеди функционалност на сите студентски домови низ целата држава, како и на ученичките домови.

„Само во 2019 година имаше рекордна финансиска поддршка од Владата за подмирување на долговите на сите студентски домови. Продолжуваме со реновирање и модернизација на инфраструктурата и во другите студентски домови. Лани потпишавме договор со КФВ за 25 милиони евра за седум студентски домови – во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и Скопје. Тие ќе почнат да се реновираат во оваа, 2020 година, а проектот ќе се финализира во 2024 година. Со тоа ќе се заокружи процесот на реконструирање и обезбедување пристојни услови за нашите студенти какви што тие и заслужуваат“, рече Адеми.

Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски изјави дека пред две години кога ја презел функцијата оваа институција имала долг од над 300 милиони денари кој сега е преполовен.

Во однос на греењето во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во центарот на Скопје соопшти дека се изработени три проекти – за нова топлотна станица, комплетно нова инсталација и промена на начинот на греење од мазут на централно греење. Проектите се веќе направени и се работи на нивна ревизија. Според, директорот на Државниот студентски центар, доцнењето е поради старата инсталација во овој дом во центарот на Скопје.

XS
SM
MD
LG