Достапни линкови

Музеј на Град Скопје слави 70 години

Со монографија „70 години Музеј на Град Скопје 1949-2019“, изложби и видео проекција, Музејот на Град Скопје прослави седумдецениско постоење.
Уредници на монографијата се Емил Алексиев и Форсина Зафировска, а во неа се сите значајни предмети и уметнички дела од збирките на музејот, како и значајните настани и печатени изданија од музејската историја.
Синоќа беше организирана свечената прослава. Во втората сала е поставена изложба со најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела, преглед на најзначајни настани и избор од најзначајните публикации од постоењето на Музејот на град Скопје.
Изложбата е отворена до 12 март.
Дополнително, утре (14 февруари) ќе се отвори и изложба на плакати од продукцијата на Музејот.
Во чест на јубилејот, градските власти одлучија со еден милион евра да го реконструираат Музејот на Град Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов изјави дека очекува обновениот музеј да се отвори до октомври годинава.
Музејот на град Скопје е формиран во 1949 година од страна на Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на град Скопје. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година и санацијата на објектот на Железничката станица, Музејот на град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда на Железничката станица во 1970 година.

Категории

XS
SM
MD
LG