Достапни линкови

ОЈО поднесе обвинение за поранешната директорка на Агенцијата за филм


Илустрација- зградата на Јавно обвинителство на Република Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување против поранешната директорка на Агенцијата за филм. Според обвинението таа во периодот од 21.01.2016 до 14.06.2017 година, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на службеното овластување, за правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје прибавила значителна имотна корист од 68.000.000 денари.

Таа се сомничи дека во незаконска постапка му дала пари и склучила договор, а потоа и анекси договори со Јадран филм за снимање на серијата „Македонија“. Потоа, како што наведува обвинителството и покрај тоа што Јадран филм не го завршил тоа што го обврзувало со договорот, од Агенцијата за филм му биле исплаќани пари.

Од таму информираат и дека по приемот на предметот, надлежниот јавен обвинител презел и дополнителни истражни дејствија, а по нејзино барање бил извршен и дополнителен распит на осомничената, по што до Основниот кривичен суд Скопје беше поднесен Обвинителен акт.За обвинетата во сила се претходно определени мерки на претпазливост.

Пред околу две години дел медиуми пишуваа дека хрватската продукциска куќа Јадран филм добила пари од Агенцијата за филм која тогаш ја раководеше Мими Ѓоргоска-Илиевска за проект кој не го сработила. Главниот продуцент на серијата Винко Грубишиќ тогаш ги негираше наводите нагласувајќи дека се работи на серијата.

XS
SM
MD
LG