Достапни линкови

ОЈО ги вештачи телефоните на четворицата вработени во МВР


Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска информираше дека вчера биле повикани четири лица вработени во Министерството за внатрешни работи за протекување на материјал од посебни истражни мерки спроведени во 2014 година. Од обвинителството информираат дека преземале дејствија откако добиле известување од МВР, а четворицата тогаш одговорни за ПИ мерките, дале искази.

„Имено, во текот на месец јануари оваа година во одредени медиуми е објавена снимка која е материјален доказ прибавен со примена на Посебни истражни мерки. Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести обвинителството за понатамошно постапување“, наведуваат од обвинителството.

Од таму пишуваат и дека на четворицата им се одземени мобилните телефони кои ќе се вештачат, а ќе бидат повикани и други лица. Делото кое евентуално го сториле е „оддавање на службена тајна“ предвидено и казниво по член 360 од Кривичниот законик“.

Вчера министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги демантираше пишувањата во некои медиуми дека се работи за наводни апсења на лица кои се дел од неговиот тим. Тој наведе дека лицата се распоредени со решенија на „соодветни работни места од претходните министри“ и дека не се од неговиот тим или кабинет.

XS
SM
MD
LG