Достапни линкови

Рама: Албанија нема да плаче пред европската врата


Албанскиот премиер Еди Рама

Албанија нема да стои пред вратата на Европа и да плаче за да се отвори, рече премиерот на Албанија Еди Рама во интевју за Агенцијата Франс Пренс додавајќи дека државата мора да се фокусира на својата иднина.

Агенцијата пишува дека Албанија се надевала дека лани во октомври ќе добие зелено светло за почеток на преговорите, но Франција, Данска и Холандија ставиле вето, а дека за Северна Макeдонија отпор имало од Париз. Сега Брисел ги удвоил напорите, пишува АФП, да постигне согласност од сите земји членки за Скопје и Тирана да добијат почеток на преговорите на самитот во мај.

„Не очекувам ништо“, вели Рама во интервјуто додавајќи дека не може да продолжат да живеат со загриженост и во очекување на нешто што не е во нивни раце.

Албанскиот премиер тврди и дека неговата земја направила повеќе од која било за почеток на преговорите со ЕУ.

Во Брисел вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја презентираа новата методологија за преговори со земјите кандидатки за зачленување во ЕУ на што инсистираше Париз како предуслов за почеток на преговори со кандидатките.

XS
SM
MD
LG