Достапни линкови

Турција погодила 54 цели во Сирија и неутрализирала 76 војници


Турски воен конвој од вооружени возила се движи кон сириската провинција Идлиб. 02.02.2020.

Турските сили погодија 54 цели во северозападниот дел на сириската провинција Идлиб и „неутрализираа“ 76 сириски владини војници, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, пренесува турската новинска агенција Анадолија, јавува Ројтерс.

Анкара претходно соопшти дека во сириското гранатирање убиени се пет турски војници во Идлиб. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе се освети.

Акар исто така е цитиран како вели дека турските вооружени сили ги преземале „сите мерки“ во Идлиб, додавајќи дека Анкара за тоа ја известила Москва, која го поддржува сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Сириската невладина опсерваторија за човекови права соопшти дека се убиени шест сириски војници во одмазда на турските сили на нивниот напад во Идлиб.

„Турските сили испукаа десетици ракети во знак на одмазда на нападот кој траеше до зори против силите на режимот, јужно од градот Саракеб“, наведе Опсерваторијата.

Турција распореди свои војници на 12 набљудувачки пунктови во регионот Идлиб во рамки на договорот постигнат со Русија наменет за спречување на насилствата во областа, која е последно упориште на милитантите и бунтовниците во Сирија.

Меѓутоа, силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, помогнати од Москва, минатата недела ја засилија офанзивата во Идлиб и извршија повеќе артилериски напади.

Половина од провинцијата Идлиб, како и соседните територии Алепо, Хама и Латакија, главно се под контрола на милитантите поврзани со Ал-Каеда, како и со ослабнатите групи на бунтовниците.

XS
SM
MD
LG