Достапни линкови

Дијалог Жан Моне: Усогласени 90 отсто од прашањата за Деловникот на Собранието


Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по третиот дијалог во рамки на Жан Моне процесот во законодавниот дом изјави дека пратениците ги приближиле ставовите и се согласиле за одредени аспекти за реформите на Деловникот.

„Направивме значајни реформи и оставаме важно наследство за новиот пратенички состав во форма на усогласен текст за измените на Деловникот, што е анектиран во овој документ, како интегрален дел на заклучоците на третиот Жан Моне дијалог, со што одредени прашања остануваат да се разгледаат во наредниот парламентарен состав“, рече спикерот Талат Џафери на прес-конференција.

Според него, во 90 проценти од прашањата за измените партиите постигнале согласност, но, новиот Деловник ќе се донесе по изборите од новиот собраниски состав. Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија порача дека добро е што во предизборен период било возможно да се договорат со сите политички партии за суштината на Деловникот и неговата содржина.

„Исто така се обврзавме по изборите тоа да биде применето во пракса“, истакна Шидер.

Тој додаде дека по формирањето на новиот парламентарен состав ќе почне четвртиот дијалог Жан Моне, затоа што покрај Деловникот има и многу други прашања за кои треба да се дискутира.

Известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук рече дека и во иднина ќе соработуваат и со власта и со опозицијата, бидејќи има потреба од позајакната соработка кога станува збор за идните реформи поврзани со ЕУ.

XS
SM
MD
LG