Достапни линкови

Обвинетите организатори за „27 април“ во судница од 21 февруари


Архивска фотографија- настаните на 27 април 2017 година

Судењето за организаторите на настаните на 27 април 2017 година во Собранието почнува на 21 февруари. Постапката ќе ја води судијата Илија Трпков, а дел од судечкиот совет е и судијата Владимир Туфегџиќ. Освен двајца судии во судечкиот совет има и тројца поротници.

Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и одобри обвинение против поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристоски, како и екс дирекеторот на УБК Владимир Атанасов за организирање на насилствата од 27 април во Собранието. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според ОЈО наодите од предистражната постапка укажале дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

Тие, според обвинението, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

XS
SM
MD
LG