Достапни линкови

Поднесено обвинение за дадилката која натепа дете во скопски Аеродром


Архивска фотографија- Јавно обвинителство на Република Македонија

Основното јавно обвинителство од Скопје поднесе обвинение за кривично дело запуштање и малтретирање дете против дадилката која беше снимена од безбедносните камери во игротека во угостителски објект во Аеродром како тепа дете кое и било доверено на чување. Од Обвинителството побарале и продолжување на притворот, мерка која и била претходно одредена.

„Обвинетата на 21.11.2019 година, во игротека во еден угостителски објект, малтретирала двегодишно дете за кое била ангажирана како негувателка. Додека родителите биле на работа, негувателката повеќепати го удрила детето со шлаканици, го давела со раката држејќи го во пределот на лицето и устата и неколкупати го подигала и удирала од земја. Детето во неколку наврати се обидувало да и побегне, а од малтретирањето се здобило со телесни повреди“, соопшти Јавното обвинителство.

Од обвинителството посочуваат дека со оглед на тоа што во конкретниот случај постои реална опасност од бегство на обвинетата, како и можност таа да го повтори делото што и се става на товар, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.

Дадилката беше приведена лани во ноември откако ја пријави сопственик на угостителски објект во скопската населба Аеродром каде што жената го малтретирала детето. Снимките од безбедносните камери на објектот на кои се гледа како 59 годишната жена го тепа двегодишното дете беа објавени во јавноста.

XS
SM
MD
LG